Корисничко име Лозинка Пријави се
26.11.2012

Спартак од Москва го смени Емери

По вчерашниот домашен пораз (5-1) од градскиот ривал Динамо во 17-тото коло на руската Премиер лига, управата на Спартак од Москва го разреши 41-годишниот шпански стручњак Унаи Емери од должноста тренер.

На табелата на руското првенство Спартак се наоѓа на шестото место со 29 бодови, десет помалку од водечката ЦСКА, која има и натпревар помалку. Моментната позиција на Спартак на крајот на првенството не му носи излез на европската сцена.
Претходно во изминатава седмица, Спартак дома изгуби од Барселона со 3-0 во петтото коло на групата Г на Лигата на шампионите, по што остана без шанси за презимување во Европа, било во Лигата на шампионите или во Лигата на Европа.
„Клупските акционери решија да го сменат Емери од должноста тренер. Следните новости ќе ги објавиме денес или утре“, изјави главниот директор на клубот, Валериј Карпин.
Емери на клупата на Спартак седна во мај оваа година, кога потпиша двегодишен договор. Тогаш го наследи Карпин. Пред тоа четири години беше на кормилото на Валенсија.

Најнови вести