Корисничко име Лозинка Пријави се
07.11.2012

Селтик шест седмици без Изагире

Шкотскиот фудбалски шампион Селтик шест седмици ќе игра без Емилио Изагире, 26-годишниот лев бек од Хондурас.

Во неделната средба од шкотското првенство против Данди јунајтед Изагире го повреди задниот дел на бутниот мускул, а веста за должината на неговото отсуство ја објави Нил Ленон, менаџерот на Селтик, на прес-конференцијата пред натпреварот од Лигата на шампионите против Барселона.
Оваа сезона Изагире е клучен играч на Селтик и ги одигра сите 24 досегашни официјални натпревари на клубот. Против Барселона освен на споменатиот Изагире, Ленон нема да може да смета ниту на Томас Рогне (листот на ногата), Џејмс Форест (колкот) и Ласад Нуиуи (препоните), додека настапите на Гери Хупер (задниот дел на бутниот мускул) и Јоргос Самарас (глуждот) се под голем знак прашалник.
Во трите досегашни натпревари од групата Г на Лигата на шампионите Селтик собра четири бодови и го држи второто место на табелата, со пет бодови зад водечката Барселона.

Најнови вести