Корисничко име Лозинка Пријави се
10.8.2012

Болт меѓу легендите – ја одбрани титулата и на 200 метри

Најбрзиот човек на денешницата, Јамајчанецот Јусеин Болт влезе во историјата бранејќи ги олимписките титули во спринтерските дисциплини на 100 и 200 метри.

Тоа досега никој не успеал да го стори. Откако во саботата триумфираше на 100 метри, Болт синоќа без проблеми беше најбрз и на двојно подолгата патека – истрча со време од 19:32, за 13 стотинки послабо од неговиот светски рекорд.
Со овој триумф дваесет и петгодишниот Јамајчанец го надмина рекордот на Карл Луис, кој освои три злата и едно сребро на Олимписките игри 1984 и 1988 година.
Ова е прв пат по 36 години еден атлетичар да освои по две поединечни олимписки титули по ред, откако тоа му успеало на Финецот Ласе Вирен, кој победил на 5.000 и 10.000 метри на Олимпијадите во 1972 и 1976 година.
Сите три медали на 200 метри им припаднаа на спринтерите од Јамајка – втор беше Јохан Блејк со 19:44, а трет дваесет и двегодишниот Ворен Вир со 19:84.
Французинот Кристоф Леметр, кој пред трката важеше за фаворит за подиумот заврши шести, со време 20:19. Американецот Валас Спирмон беше четврти (19:90), Чуранди Мартина од Холандија петти (20:00), Алекс Кињонес од Еквадор седми (20:57), а последен беше Јужноафриканецот Анасо Јободвана (20:69).