Корисничко име Лозинка Пријави се
26.8.2018

Пандев тргна со победа во нова авантура во Серија А, сензација на Торино против Интер

Горан Пандев ја игра 15. сезона во Серија А, а стартот за него и за Џенова е победнички. Откако поради трагедијата во Џенова им беше одложен првиот меч, вечерва Пандев и соиграчите славеа со 2:1 против Емполи

Горан Пандев го одигра 385. меч во Серија А, со што е убедливо рекордер во составот на Џенова, а вечерва ги предводеше соиграчите до победа од 2:1 против Емполи.
За Џенова ова беше прв меч во новото издание на Калчото, бидејќи премиерниот дуел против Милан им беше одложен по трагедијата во Џенова. Вечерва сепак стартуваа и победија со головите на Пјатек и на Куаме, додека почесниот гол за Емполи го постигна Мраз во самиот финиш на мечот. Пандев одигра 55. минути како стартер, пред да биде заменет.
Вистински подвиг приреди Торино, во Милано на гостувањето кај Интер. Иако гостите имаа негатива од 0:2, сепак успеаја да израмнат на 2:2 и да освојат бод. Интер повторно не успеа да победи и со поразот од Сасуоло во првото коло има само еден бод од двата стартни меча во Серија А. 
За одбележување е и ефикасната претстава на Фиорентина и победата на „виолетовите“ од 6:1 против Киево. 
Резултати, 2. коло: Спал – Парма 1:0, Интер – Торино 2:2, Џенова – Емполи 2:1, Фиорентина – Киево 6:1, Фросиноне – Болоња 0:0, Удинезе – Сампдорија 1:0. Вчера: Јувентус – Лацио 2:0, Наполи – Милан 3:2. Утре: Рома – Аталанта.

 

Најнови вести