Корисничко име Лозинка Пријави се
21.5.2018

ФА куп: Конте и Челзи ги оставија Мурињо и Јунајтед без трофеј

Челзи од Лондон го освои ФА купот откако во големото финале на „Вембли“ го порази Манчестер јунајтед со минимален резултат 1-0 (1-0).

Стрелец на единствениот погодок, вреден за осмиот трофеј на „сините“ во најстарото светско натпреварување, беше на Еден Азар од пенал во 22-рата минута.
Претходно, Фил Џонс го сруши токму Белгиецот, кој се подготвуваше за шутирање од работ на петерецот,а арбитерот Мајкл Оливер веднаш покажа на белата точка.
Азар, кому ова му беше јубилејна 300-тата средба за клубот од „Стемфорд бриџ“, топката ја испрати во една, а Давид де Хеа во друга страна.
Челзи генерално беше подобар во првото полувреме, првата шанса ја имаше токму Азар во десеттата минута, но голманот Де Хеа добро одбрани. Потоа, од првата наредна шанса, Челзи поведе.
Азар по одличното додавање на Сеск Фабрегас, ја влечеше топката и одеше кон голот на Јунајтед, кога врз него стартуваше Фил Џонс и направи пенал. Белгиецот во 22-рата минута го искористи пеналот, го испрати Де Хеа во спротивната страна и на Челзи му донесе водство со неговиот 18-ти гол во сезоната.
Потоа Челзи ја чуваше предноста, а во последната минута се обидоа Џонс и Маркус Рашфорд, но не успеаја да изедначат.
Јунајтед играше подобро во второто полувреме, а одлична шанса пропушти Рашфорд во 53-тата минута, кога Тибо Куртуа го одбрани ударот. Во 63-тата минута беше поништен голот на Јунајтед што го постигна Алексис Санчес, бидејќи судијата откако ја изгледа снимката, потврди дека нападот бил во офсајд.
Потоа голманот на Челзи имаше работа, но не успеаја да го совладаат Рашфорд и Пол Погба, кој пропушти да постигне гол од одлична позиција.
Челзи успеа да ја сочува предноста до крајот на натпреварот и на некој начин да ја спаси сезоната со освојување еден трофеј, бидејќи како бранител на титулата сезоната во Премиер лигата ја заврши на петтото место.

Најнови вести