Корисничко име Лозинка Пријави се
15.5.2018

Кевин Дурант ја доби пресметката со Харден – брејк за Вориорс

Кошаркарите на Голден стејт вориорс дојдоа до брејк и поведоа со 1-0 во финалната серија на Западот против Хјустон рокитс, со триумфот од 119:106.

Најзаслужни за триумфот на бранителот на титулата беа Кевин Дурант и Клеј Томпсон. Дурант речиси во текот на целиот натпревар прикажуваше одлична игра и на крајот забележа 37 поени (14/27 од игра), додека Томпсон во пресудните моменти од натпреварот погодуваше удари за три поени и постигна 28 (6/15 за три). Покрај нив двајца, Стефан Кари додаде 18 поени, шест скока и осум асистенции, а Дрејмонд Грин пет поени и по девет скокови и асистенции.
На Хјустон не му помогна ниту одличната партија на Џејмс Харден, кој оствари 41 поен (12/24 од игра, 5/9 за три), четири скока и седум асистенции. По него следуваат Крис Пол со 23 поени и 11 скокови, Ерик Гордон со 15 поени и пет скока и Клинт Капела со 12 поени и шест фатени топки.
Натпреварот во преполниот „Тојота центар“ добро почна за Рокитс, коишто, предводени од расположениот Харден, брзо дојдоа до предност од 12:4. На другата страна, Дурант ги држеше Вориорс во игра, па во втората четвртина влегоа со заостанување само од еден поен - 30:29.
Во втората четвртина за прв пат поведоа гостите, по серијата 6:0 (35:33), а потоа Вориорс ја направија и првата поголема предност – 49:42. Но, Хјустон во финишот на полувремето се врати со серијата од 7:0  и на големата пауза резултатот беше 56:56.
На стартот на второто полувреме подобра игра покажаа кошаркарите на Голден стејт. Актуелните шампиони ја затегнаа одбраната, во нападот доминираа Дурант и Томпсон, па во финишот на третата четвртина гостинскиот состав ја имаше и првата двоцифрена предност – 85:72.
Тоа беше и клучниот период, бидејќи екипата од Оукленд до крајот не го испушташе водството. Хјустон на стартот на последните 12 минути намали на минус два, но потоа следуваше серија од 9:0 на Голден стејт, со која прашањето на победникот практично беше решено.
Следниот натпревар на програмата се игра ноќта меѓу среда и четврток, од три часот според наше време.

Најнови вести