Корисничко име Лозинка Пријави се
11.4.2018

Ди Франческо го доби своето чудо: Навистина верувавме!

Тренерот на Рома пред реваншот со Барселона изјави: „зошто не би можело да се случи чудо“. И чудото се случи. Рома по поразот во првиот натпревар од 4-1, ја совлада Барселона со 3-0 и се пласира во полуфиналето на Лигата на шампионите.

„Мислам дека заслуживме славење во соблекувалната. Навистина верувавме дека можеме да го направиме ова. Првата работа која им ја реков е дека сега можеме да уживаме, но сакаме уште“, изјави Еузебио ди Франческо по неверојатниот натпревар на неговиот тим.
„Јас сум тој кој на себе ги презема критиките и вината за поразите, но вечерва само сум среќен за моите играчи. Менталната сила е таа што ја прави разликата, не тактиката. Да, јас ја избрав тактиката, избрав да не се браниме, сакав да бидеме агресивни. Но во овој момент единствено што ме интересира е филозофијата на тимот. Секогаш сакаме повеќе, а вечерва уживавме во остварената желба. Тоа се случува кога верувате дека можете повеќе. Сега гледаме само напред“, додаде тренерот на „волчицата“.
Ди Франческо не сакаше да даде изјава за крајните домети на неговиот тим.
„Мораме да веруваме во себе, тоа е најважно. Тоа е нашата цел. Ако кажеме дека ова е доволно, тоа не е добро, не би бил задоволен“, додаде Ди Франческо, а потоа даде коментар и за Шик и за Џеко, но и за тоа зошто Де Роси го изведе пеналот.
„Шик е одличен играч. Пред натпреварот му реков на Џеко да му помогне. Покажа квалитет и беше опасен. Тактички мислам дека беше речиси совршен и многу сум среќен за него, како и за остатокот на тимот. Јас сум тој кој однапред одредува кој ќе го изведе пеналот. Се договоривме тоа да бидат Најнголан или Де Роси. Де Роси е навикнат на вакви ситуации и сè помина како што треба“, додаде тренерот на екипата за која во наредните денови со причина ќе се зборува во суперлатив.
„Кога нешто работите, мора да има место и за славење и страст. Вечерва ќе славам со семејството и со моите деца“, изјави на крајот Ди Франческо.

Најнови вести