Корисничко име Лозинка Пријави се
30.1.2018

Деулофеу на заем во Ватфорд, Ндиаје ќе оди во Стоук

Жерар Деулофеу, фудбалерот на Барселона, ќе игра на заем во Ватфорд до крајот на сезоната, соопшти денес шпанскиот клуб. Ватфорд ќе ја плаќа платата на 23-годишниот играч со можен бонус од милион евра.

Деулофеу во Барселона дојде на деветгодишна возраст, а за клубот дебитираше во 2011 година. Играше на заем во Евертон и во Севилја, а во 2015 година потпиша за клубот од Ливерпул.
Две години подоцна направи трансфер во Милан, а во јуни минатата година се врати во Барселона. Деулофеу требаше да го замени Нејмар во екипата, откако Бразилецот отиде во ПСЖ, но по лошите игри не се избори за минутажа.
Барселона ги доведе двајцата напаѓачи Осман Дембеле и Филипе Кутињо, поради што Деулофеу е испратен на заем.
Баду Ндиаје, играчот на Галатасарај, е блиску до тоа да направи трансфер во Стоук.
Стоук постигнал договор со Галатасарај за трансфер на играчот за врска Баду Ндиаје во Англија, пренесе „Скај“.
Како што се наведува, трансферот е вреден 15 милиони фунти, но преговорите сè уште траат околу динамиката на плаќањето и околу правните прашања.
Во Стоук се надеваат дека сите прашања би можело да се решат до завршувањето на јануарскиот преоден рок, бидејќи на сенегалскиот фудбалер му е потребна виза за влез во Велика Британија пред Стоук да може да ја поднесе документацијата за работна дозвола.
„Скај“ наведе дека Стоук нема да го потпише договорот, како и дека нема ништо да плати додека не биде сигурен дека фудбалерот ќе добие меѓународна дозвола за да игра во Премиер лигата.
Ндиаје би требало да допатува во Англија за да ги направи лекарските прегледи и да се договори за личните услови.

Најнови вести