Корисничко име Лозинка Пријави се
19.10.2017

Лига на шампиони: Џеко и Коларов му зедоа бод на Челзи, ПСЖ безмилосен

Фудбалерите на Рома останаа непоразени на „Стемфорд бриџ“ против Челзи со 3-3 во третото коло од групната фаза на Лигата на шампионите, со двата гола на Един Џеко и еден на Александар Коларов.

Голеадата во Лондон ја отвори Давид Луиз во 11-тата минута, а во 37-мата минута веќе беше 2-0 за домаќините. Стрелец беше Еден Азар. Само три минути подоцна, Александар Коларов со погодокот го намали заостанувањето, а Един Џеко со головите во 65-тата и во 79-тата минута направи пресврт на резултатот и на одличен начин го обележа стотиот натпревар во дресот на „волчицата“. Асистент кај вториот погодок беше Коларов.
Азар со неговиот втор погодок го постави конечниот резултат и го спаси Челзи од пораз.
Во претходниот натпревар од групата, Атлетико Мадрид ремизираше 0-0 во Баку кај Карабаг.
Клубот од Лондон се наоѓа на првата позиција во групата Ц со седум освоени бодови, Рома е втора со пет, Атлетико има два, а Карабаг еден бод.
Кога станува збор за групата Д, Барселона славеше на „Камп ноу“ против Олимпијакос со 3-1, и покрај тоа што беше со играч помалку од 42-рата минута, и ја продолжи победничката серија во Лигата на шампионите. Каталонците поведоа со автоголот на Николау во 18-тата минута, во продолжението Жерар Пике поради вториот жолт картон беше исклучен од натпреварот, но тоа не му сметаше на домашниот тим да ја потврди победата со голот на Меси во 62-рата и со погодокот на Дињ во 64-тата минута.
Победа во таа група оствари и Јувентус, потешко отколку што се очекуваше, против Спортинг со 2-1. Гостите од Лисабон поведоа во 12-тата минута со автоголот на Алекс Сандро. Но, Пјаниќ во 29-тата минута изедначи и со голот го обележа враќањето на теренот по повредата, а во 84-тата минута Манџукиќ ја доведе „старата дама“ до трите бода.
По ова коло, Барселона е прва со девет бода, шест има Јувентус, Спортинг три, додека Олимпијакос е без бодови.
Триото Нејмар-Кавани-Мбапе продолжи да ги совладува противниците. ПСЖ оствари нова убедлива победа совладувајќи го Андерлехт во Брисел со 4-0. Мбапе погоди во третата минута, Кавани во 44-тата, а Нејмар во стрелците се запиша во 66-тата минута од натпреварот. Конечниот резултат го постави Анхел ди Марија во 88-мата минута. Со овој триумф „светците“ практично со една нога зачекорија во нокаут-фазата, бидејќи по три одиграни кола, имаат девет бодови со гол-разлика 12-0. Девет од тие 12 гола ги постигнаа споменатите тројца играчи.
Во другиот натпревар од групата Б, Баерн со 3-0 го совлада Селтик на „Алијанц арената“. Головите за „баварците“ ги постигнаа Милер во 17-тата, Кимих во 29-тата и Хумелс во 51-вата минута. Баерн сега има шест бода повеќе и веќе за две седмици во Галзгов ќе може и тој да ја резервира картата за наредната фаза.
Борба за третото место ќе водата Селтик и Андерлехт. Шкотите моментно имаат три бода, додека тимот од Брисел знае само за порази.
Во групата А, Манчестер јунајтед со голот на Маркус Рашфорд во 66-тата минута ја победи Бенфика во Лисабон и дојде до нови три бода. Домашниот тим натпреварот го заврши со десетмина играчи по исклучувањето на Луиз во 90-тата минута. 
И Базел од гостувањето се враќа со победа, во Москва славеше со 2-0 против ЦСКА. Стрелци за швајцарскиот шампион беа Џака во 29-тата и Оберлин во 90-тата минута.
На табелата на групата А Јунајтед води со девет бодови, Базел има шест, ЦСКА три, а Бенфика е без бодови.

Најнови вести