Корисничко име Лозинка Пријави се
03.8.2017

ЛШ: Риека блиску до Лигата на шампионите, Ница го елиминира Ајакс

Фудбалскиот клуб Риека го елиминира Салцбург поради голот во гости во третото коло од квалификациите за Лигата на шампионите.

Хрватската екипа одигра 1-1 минатата седмица во Австрија, додека пред домашната публика ремизираше 0-0, па се пласира во четвртата рунда.
Риека одигра многу цврсто, смирено и на резултат, па поради тоа ќе има шанса да влезе во елитното фудбалско натпреварување.
Екипата на Ница, исто така поради повеќето голови во гости, го елиминира Ајакс, бидејќи реванш-натпреварот во Холандија заврши 2-2, додека во првиот натпревар на стадионот на францускиот клуб резултатот по 90 минути игра беше 1-1.
Клубот од Азурниот брег прв поведе против Ајакс, уште во третата минута од средбата Суке постигна гол. Домашните играчи со погодокот на Ван де Бек во 26-тата минута дојдоа до изедначување, а тоа воедно беше и резултатот на полувремето.
Дејвисон Санчес во 57-мата минута погоди за водство на холандската екипа, но на 11 минути пред крајот, Венсан Марсел постигна гол, кој беше и последен на натпреварот.
Легија од Варшава го бркаше големото заостанување од првиот натпревар против Астана, бидејќи во Казахстан беше поразена со 3-1. Полјаците беа подобриот ривал во текот на поголемиот дел од натпреварот, на крајот успеаја и да победат, но изгледа дека ова беше Пирова победа бидејќи резултатот на крајот на семафорот покажуваше 1-0.
Единствениот гол на натпреварот го постигна Јакуб Червински во 76-тата минута.
Пласман во наредната рунда обезбеди и шкотскиот Селтик, кој на гостувањето во Розенборг во Норвешка славеше со 1-0. По првиот натпревар резултатот беше 0-0, а стрелец на победоносниот гол поради кој Селтик се пласира во следната рунда беше Џејмс Форест во 69-тата минута.

Најнови вести