05.4.2017 Манџукиќ ќе го пропушти реваншот против Наполи
Марио Манџукиќ, напаѓачот на Јувентус, поради повреда на коленото, ќе го пропушти реванш-натпреварот од полуфиналето на Купот против Наполи.
Хрватскиот фудбалер поради воспаление на коленото, беше под знак прашалник и за лигашкиот дуел меѓу тие клубови кој се одигра во неделата, но сепак ги одигра сите 90 минути, со што само ја влоши неговата ситуација.
„Судејќи според сè, Манџукиќ ќе го пропушти денешниот натпревар. Конечната одлука ќе ја донесеме во текот на денот, но тешко дека ќе биде подготвен за натпреварот“, изјави Масимилијано Алегри.
Јувентус во првиот натпревар од полуфиналето на негов терен го победи Наполи со 3-1. Алегри даде коментар и за критиките дека Јувентус во натпреварот во Серија А, кој заврши нерешено 1-1, играл кукавички и дефанзивно.
„Во неделата се играше во првенството, а сега на распоредот е Купот. Нè очекува уште еден тежок и неизвесен натпревар, но сосема поинаков од дуелот во неделата... Ќе се обидеме да избориме финале, а потоа во Рим да го освоиме трофејот“, додаде Алегри.
Местото во нападот повторно ќе го заземе Гонзало Игуаин, кој беше разочаран по лигашкиот натпревар и поради силните навреди од трибините на стадионот „Сан Паоло“. Аргентинецот со години беше идол на навивачите на Наполи, а потоа направи трансфер во Јувентус и сета негова љубов се претвори во омраза.
Навивачите на Наполи на Игуаин му приредија пеколен пречек, а со исвиркувања и навреди го следеа кога и да ја допреше топката.
„Не ги очекував сите тие навреди, пцовки и исвиркувања. Сепак многу дадов за овој клуб и за овој град“, изјави Аргентинецот, кој во дресот на Наполи одигра 146 натпревари и постигна 91 гол.
Другиот полуфинален пар го сочинуваат Рома и Лацио. Лацио во првиот натпревар како домаќин победи со 2-0.