Корисничко име Лозинка Пријави се
13.3.2017

Суарес: Не е ПСЖ виновен

Луис Суарес, напаѓачот на Барселона, изјави дека заморот по ПСЖ не е изговор за поразот на Катлонците во Ла Коруња.

Барселона изгуби од Депортиво Ла Коруња со 2-1, што ѝ е прв пораз во Ла Лига од почетокот на октомври минатата година, а следуваше по четири дена од емотивното празнење во историскиот триумф во осминафиналето на Лигата на шампионите.
„Ништо не се случи поради ПСЖ, имавме доволно време да се одмориме и да закрепнеме. Не го изгубивме фокусот на првенството, тоа нема да биде подредено на Лигата на шампионите, ќе продолжиме да се бориме“, изјави Суарес.
Депортиво ја надигра Барселона за прв пат од април 2008 година.
„Знаевме дека ќе биде тешко бидејќи се борат за опстанок. Кога ќе му дадеш шанса на таков тим, тој не ја пропушта. Нè притискаа, силно нè маркираа, но тие работи мора да се поправат. Но, како пред неколку дена, некогаш ќе победиш, некогаш ќе изгубиш“, додаде Уругваецот.
Барселона се наоѓа на второто место на табелата со два бода помалку од најголемиот ривал Реал, кој има и еден натпревар помалку, а синоќа славеше со 2-1 против Бетис на „Сантијаго Бернабеу“.
„Мислам дека сите Каталонци би потпишале пораз против Депортиво, ако тоа значи дека ќе го поразиме ПСЖ во Лигата на шампионите. Ќе продолжиме да се бориме до крајот, има уште многу натпревари. Беше тешко да се игра откако вложивме многу труд против ПСЖ, но тоа не смее да биде оправдување“, изјави Жерар Пике.
Барселона во следното коло ја дочекува Валенсија на 19-ти март.

Најнови вести