Корисничко име Лозинка Пријави се
09.11.2011

Кристоф Даум нов тренер на Клуб Бриж

Кристоф Даум потврди дека стана нов тренер на белгискиот фудбалски клуб Клуб Бриж.

Даум веќе неколку дена беше во интензивни преговори со белгискиот клуб во кој на клупата го наследи Адри Костер, отпуштен по серијата лоши резултати. Клуб Бриж под сега веќе поранешниот тренер Костер во последните шест натпревари оствари едно реми и дури пет порази.
„Клуб Бриж и понатаму е еден од најдобрите белгиски клубови“, рече Даум за „Спорт 1“.
Белгискиот клуб моментно се наоѓа на четвртото место на првенствената табела, со седум бодови заостанување зад лидерот Андерлехт. Даум досега во тренерската кариера освои една титула во Бундеслигата, и тоа со Штутгарт во 1992 година, но сепак најзапаметен остана по кокаинскиот скандал во 2000 година.
Даум таа година беше обвинет дека правел оргии со неколку проститутки, а како поттикнувачко средство користеле кокаин. Даум сите обвинувања остро ги отфрлаше, а кога преку примерок од косата му докажаа дека консумирал кокаин, Германецот тврдеше дека косата не е негова. Кога му се закануваше затворска казна, Даум ја призна консумацијата, па со тоа ја избегна казната.
Таа година Даум требаше да стане селектор на „елфовите“, но Фудбалскиот сојуз на Германија по скандалот се откажа од таа идеја, па тренерската клупа му ја препушти на Руди Фелер.

Најнови вести