Корисничко име Лозинка Пријави се
07.10.2016

Македонија несреќно поразена од Израел

Македонија е поразена и во вториот натпревар од квалификациите за Светското првенство 2018 година во Русија.

Во натпреварот од групата Д со Израел, кој се одигра синоќа на арената „Филип Втори“, македонската фудбалска репрезентација изгуби со 2-1.
Македонските фудбалери играа подобро речиси во текот на целата средба, создаваа многу шанси за гол, но на крајот сепак беа поразени.
Во првото полувреме капитенот Горан Пандев пропушти две идеални шанси за погодок, а можност за постигнување гол имаше и Илија Несторовски, но и тој не успеа да ја реализира. За Израелците првиот погодок го постигна Томер Хамед во 25-тата минута, а потоа во 43-тата стрелец на вториот беше Тал Бен Хаим.
Во второто полувреме селекторот Игор Ангеловски направи три измени со цел да ги засили средниот ред и нападот, па постојано се напаѓаше кон голот на Израелците. По таквата игра, во 63-тата минута од средбата Илија Несторовски беше стрелец на единствениот погодок за нашата репрезентација.
Избраниците на Ангеловски постојано се обидуваат да стигнат и до втор погодок, но за тоа имаа шанса дури во четвртата минута од продолжението, кога Елтан Тиби го собори Несторовски во шеснаесетникот на Израел, па судијата Андре Маринер досуди пенал и му додели црвен картон на израелскиот дефанзивен играч.
Пеналот го изведе Адис Јаховиќ, но неговиот удар беше одбранет од страна на израелскиот голман Гошен.
За нашите репрезентативци нема многу одмор, во недела го дочекуваат некогашниот светски шампион Италија, која ќе допатува со најсилен состав. Натпреварот ќе се игра на арената „Филип Втори“ во Скопје со почеток од 20.45 часот.

Најнови вести