Корисничко име Лозинка Пријави се
02.9.2016

Силва го замолчи Брисел, Погба блескаше во Бари

Репрезентациите на Шпанија, Франција, Португалија и Грција остварија победи на пријателските натпревари пред стартот на квалификациите за Светското првенство.

Во првото дерби на вечерта, Шпанија ја надигра Белгија со 2-0 во Брисел, на дебито на селекторите на двете селекции Хулен Лопетеги и Роберто Мартинес.
Триумфот на „црвената фурија“ ѝ го донесе Давид Силва, крилниот напаѓач на Манчестер сити, со погодоците во првото и во второто полувреме.
Вечерта ја обележа и натпреварот во Бари, каде што Франција го надигра домаќинот Италија со 3-1. Со триумфот на „триколорите“ диригираше Пол Погба, кој беше двократен асистент.
Прво го намести голот на Антони Марсјал, соиграчот од Манчестер јунајтед, за водство во 17-тата минута. Само четири минути подоцна изненадување на „азурите“ им донесе Грацијано Пеле, но во 28-мата Французите се вратија во предност преку Оливие Жиру, по додавањето на Лајвин Курзава. Бекот на ПСЖ го потврди триумфот на гостинот на девет минути пред крајот, по уште едно проигрување на најскапиот играч на сите времиња, Погба.
Официјално најдобриот тим на Европа, Португалија, уште пред почетокот на борбата за пласман во Русија, им обезбеди прослава и на своите навивачи. На стадионот „Драгао“ во Порто го декласираше не многу силниот Гибралтар со 5-0, без Кристијано Роналдо.
Двократен стрелец беше Нани, додека гостите во рок од шест минути, од 73-тата до 79-тата, ги средија Консело, Пепе и Бернардо Силва, кој имаше и две асистенции.
Холанѓаните и понатаму поминуваат низ долга и болна транзиција, а дека промената на генерацијата нема да помине лесно покажа и Грција.
Грците славеја со 2-1 по пресвртот во Ајндховен, со головите на Костас Митроглу и Јаниотас, додека единствениот погодок за „лалињата“ го постигна Жоржињо Вајналдум.
Квалификациите за Мундијалот 2018 година почнуваат утре, кога меѓу останатите, на теренот ќе истрчаат фудбалерите на: Данска, Словенија, Англија, Германија, Романија...

Најнови вести