Корисничко име Лозинка Пријави се
04.4.2016

Официјално: Конте е новиот менаџер на Челзи

Италијанскиот тренер Антонио Конте ќе биде новиот менаџер на Челзи од јули, објави клубот од „Стемфорд бриџ“.

Сегашниот селектор на „аѕурите“ ќе ја напушти клупата на Италија по Европското првенство, а со Челзи потпиша тригодишен договор, за 16 милиони фунти и сопствен стручен штаб.
Тој е петтиот Италијанец на клупата на Челзи, по Џанлука Вијали, Клаудио Раниери, Карло Анчелоти и Роберто ди Матео, кој со клубот ја освои Лигата на шампионите во 2012 година.
„Возбуден сум што ќе работам со Челзи, мислам дека тоа е добро продолжение и атрактивна улога по местото селектор. Едвај чекам да ги запознаам сите во клубот и се радувам на новиот предизвик во Премиер лигата“, изјави 46-годишниот Конте и додаде:
„Челзи и англискиот фудбал се гледаат насекаде, навивачите се страствени и мојата амбиција е да продолжам со успесите. Мило ми е што сега официјално објавивме така што шпекулациите ќе престанат. Сега повторно ќе се фокусирам на обврските со репрезентацијата и ќе се воздржам од зборување за Челзи до завршувањето на Европското првенство“.
Конте претходно беше на клупата на Јувентус од 2011 до 2014 година, а на клупата на „сините“ ќе го замени Гус Хидинк, кој дојде како привремено решение по отказот на Жозе Мурињо.
Тренерската кариера Конте ја започна на пониско ниво во Италија водејќи го Арецо и Бари, потоа работеше во Аталанта, а репутацијата ја изгради во Сиена.
„Конте има историја на константни успеси и како менаџер и како играч, убедени сме дека тој има сè што е потребно за нашите највисоки стандарди“, изјави директорот на Челзи,Брус Бак.
Челзи во моментов се наоѓа на десеттото место на табелата во Премиер лигата со 44 бодови, испадна во осминафиналето од Лигата на шампионите и во четврт-финалето на ФА купот.

Најнови вести