04.4.2016 Веспрем ја одбрани СЕХА титулата
Тимот на Веспрем втора година по ред стигна до шампионскиот трофеј во СЕХА лигата откако вчера славеше во финалето против Вардар со 28-26.
Македонскиот првак не успеа во својот четврти обид да стигне до третата титула во ракометната СЕХА лига.
Вардарци беа подобри во првото полувреме и на паузата заминаа со резултат од 15-14, меѓутоа работите се променија на почетокот на второто полувреме.
Унгарскиот гигант одигра похрабро во финишот и реализираше неколку клучни напади, го покажа својот квалитет и стигна до титулата.
Ракометарите на Вардар пред себе имаа одличен противник, но уште еднаш покажаа дека можат да се спротивстават на кој било тим и се бореа до самиот крај да триумфираат, но можност да му се реваншираат на Веспрем ќе ја имаат во четврт-финалето од Лигата на шампионите.
Лука Циндриќ со пет постигнати голови беше најефикасен во Вардар, Тимур Дибиров и Алекс Душебаев запишаа по четири, додека во победничкиот тим најпрецизен беше Момир Илиќ со седум голови, кој воедно е избран и за најкорисен ракометар на завршниот турнир во СЕХА Лигата, а во идеалниот тим зад него има и двајца Вардарци, Циндриќ и Душебаев.