Корисничко име Лозинка Пријави се
24.3.2016

Почина Јохан Кројф

Легендарниот Јохан Кројф почина денес во 69-тата година во Барселона, по жестоката борба против ракот на белите дробови.

„Со голема тага соопштуваме дека Јохан Кројф, опкружен со семејството, по тешката борба против болеста, почина во Барселона. Ве молиме да ја почитувате приватноста на неговото семејство во овие тешки и тажни моменти“, беше соопштено на интернет страницата на Кројф.
Кројф беше една од најголемите фудбалски икони на сите времиња, првото име кое се врзува за тоталниот фудбал и Ринус Михелс. Тој беше легенда во репрезентацијата на Холандија и тимот на Ајакс и Барселона.
Тој се смета за еден од најдобрите фудбалери во историјата и зачетник на филозофијата „тотален фудбал“. Холанѓанецот беше страстен пушач, но цигарите ги остави во 1991 година, кога како тренер на Барселона доживеа инфаркт и имаше две операции на срцето.
„Фудбалот ми даде сè во животот, а тутунот скоро сè ми одзема“, изјави во една прилика Кројф.
Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња ја заврши својата тренерска кариера во 1996 година и од тогаш извршуваше разни административни работи во Ајакс и Барселона.
Под водството на Кројф, Барселона четири пати беше првак на Шпанија и освои една титула како првак на Европа во 1992 година. Бранејќи ги боите на Холандија го освои второто место на првенството на светот во Германија во 1974 година.
Од моментот кога објави дека боледува од рак на белите дробови, добиваше поддршка од сите страни, а благодарејќи му на фудбалот успеваше да не мисли многу на болеста.
„Имам впечаток дека водам 2-0 против ракот во првото полувреме. Сигурен сум дека ќе победам“, неодамна изјави Кројф.
За жал на сите љубители на фудбалот, тој не успеа да победи.

Најнови вести