Корисничко име Лозинка Пријави се
18.3.2016

Ангеловски: Враќањето на Пандев е најдобра вест

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија Игор Ангеловски оцени дека враќањето на Горан Пандев во националниот тим ќе ја подигне атмосферата и ќе ја засили желбата на останатите играчи.

„Горан Пандев ќе ја предводи репрезентацијата во новиот квалификациски циклус и тоа е најдобрата вест за македонскиот фудбал“, изјави Ангеловски.
Пандев игра за Џенова и е најдобар стрелец за македонската репрезентација со постигнати 26 голови.
Повратници во македонската национална екипа се Адис Јаховиќ, Мартин Богатинов и Јован Костовски.
Репрезентацијата на Македонија на 23 март ќе игра пријателски натпревар со Словенија во Копар, а шест дена подоцна во Скопје против Бугарија.
„Резултатот е најважен иако се во прашање пријателски натпревари. Словенија и Бугарија се исклучително квалитетни селекции“, изјави селекторот на Македонија и додаде дека неговата репрезентација ќе продолжи да игра со квалитетни противници за да биде подготвена за почетокот на квалификациите за Светското првенство.
Тој истакна дека е важно сите репрезентативци да бидат стандардни во своите тимови.
„Сите повикани се стандардни, освен Александар Трајковски, кој во моментов игра во врвната лига во Палермо, кој промени многу тренери, но очекувам и тој да се наметне“, изјави Ангеловски.

Најнови вести