Корисничко име Лозинка Пријави се
11.6.2014

Феноменално прво полувреме на Сан Антонио за водство од 2:1

Во продолжение на финалето на плејофот на американската професионална кошаркарска лига, Сан Антонио спарс утрово го совлада Мајами хит со 111:92 (41:25, 30:25. 15:25, 25:17) и поведе со 2:1 во серијата која се игра до четири победи.

Кошаркарите на Мајами не го потврдија брејкот од вториот натпревар на финалната серија на плејофот, а Сан Антонио одигра полувреме за историја.
Само по 24 минути од играта, беше извесно дека кошаркарите на Сан Антонио ќе ја вратат предноста од домашниот терен, откако на актуелниот шампион за две четвртини му дадоа дури 71 кош и на полувремето заминаа со предност од 71:50.
Процентот на шутевите на Сан Антонио во првото полувреме беше над 75 отсто, што во историјата на финалните натпревари во плејофот на НБА-лигата никогаш не се случило.
Одбраната на Мајами беше немоќна пред стрелците на противникот, коишто го погаѓаа кошот од сите позиции. Каваи Леонард ја предводеше казнената експедиција од Сан Антонио со 29 поени, четири скока, две украдени топки и две препреки. Леонард ја демонстрираше својата разновидност и со играта во одбраната во последниот дел, кога целосно ја неутрализира првата ѕвезда на Мајами, Леброн Џејмс.
Покрај Леонард, значаен придонес за вредната победа дадоа: Дени Грин и Тони Паркер со по 15, Тим Данкан со 14 и Емануел Џинобили со 11 поени.
На спротивната страна, до последната четвртина, најистакната поединец беше Џејмс. Тој постигна 22 коша, имаше седум асистенции, пет украдени топки и пет скокови, но и седум изгубени топки, што во најголема мера му беа во прилог на Леонард.
Покрај Џејмс, нормата ја исполнија и Двејн Вејд со 22 и Рашард Луис со 14 поени.
Следниот натпревар се игра ноќта меѓу четврток и петок, исто така во Мајами.


Најнови вести