Корисничко име Лозинка Пријави се
16.1.2013

Леброн Џејмс руши уште еден голем рекорд

Леброн Џејмс, асот на Мајами хит, е на чекор од својот 20.000-ти поен во НБА-лигата.

Џејмс своевремено стана најмладиот играч во историјата на НБА-лигата, кој стана дебитант на годината, најмладиот кој забележа трипл-дабл, постигна 1.000, а потоа и 10.000 поени, но и најмлад играч кој ја освои титулата МВП на Ол-стар натпревар.
Негова следна цел, дефинитивно, е да стане најмлад стрелец со 20.000 поени, а таа амбиција можно е да ја исполни ноќеска, кога Мајами хит гостува кај Голден стејт вориорс.
На кралот Џејмс му недостасуваат уште 18 поени за да стане 38-от играч на НБА кој во кариерата успеал да ја премине оваа магична цифра.
Без сомнение, Џејмс ќе стане најмладиот кошаркар кој успеал да го постигне тоа.
„Често размислувам за тоа колку играчи поминале низ лигата, низ комплетната историја на ова натпреварување. Секој има свои цели во кариерата, но да се постигнат 20.000 поени е многу, многу тешко. Погледнете само на колку играчи им успеало тоа, и кои беа тие играчи? Тоа не го може секој“, рече Џејмс.
„Тоа ќе биде голема работа во мојата кариера, и не се срамам да го кажам тоа. Не сум човек кој игра за статистика, да постигнам што повеќе поени на секој натпревар, но одлично е чувството да знаеш дека си на чекор од тоа остварување“.
Во случај да ги постигне 18-те поени неопходни за да дојде до цифрата од 20.000, Џејмс ќе има 28 години и 17 дена. Засега блескавата титула најмлад стрелец со 20.000 поени сè уште ја држи Коби Брајант, кој овој успех го оствари на 29 години и 122 дена.
Единствено Брајант, Вилт Чемберлен (29 години и 134 дена) и Мајкл Џордан (29 години и 326 дена) успеаја да го изведат тоа пред 30-тата година од животот.

Најнови вести