Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
19.4.2018

Кливленд воден од Леброн израмни на 1:1

Кливленд кавалирс изедначи во серијата на првата рунда од плејофот на Источната конференција со победата над Индијана пејсерс од 100:97 на домашниот паркет и со феноменалната партија на Леброн Џејмс.

Дека ќе следува жестока реакција по поразот во првиот натпревар во истата сала, беше јасно уште по првата четвртина. Кавалирс играа како во транс, во прв ред главната ѕвезда Леброн Џејмс. Тој ги постигна првите 13 поени на неговата екипа, до крајот на 12-минутниот период постигна 20 погодоци, што му е втор пат во кариерата четвртината во плејофот да ја заврши со 20 и повеќе поени. Таа четвртина Кливленд ја реши во своја корист со 33:18. Иако тоа е единствената четвртина која ја доби домашната екипа, кошаркарите на Индијана пејсерс ретко до финишот на третата четвртина се спуштаа под двоцифрен минус. Последните 12 минути беа доста драматични, со оглед на тоа дека гостите целосно се приближија, и тоа на минус четири. Но, Џејмс не им даде на гостите да однесат уште еден брејк, така што во Индијанаполис се оди со 1:1.
Џејмс натпреварот го заврши со 46 поени, со еден шут од игра 17/24 (70,8%), 2/5 за три поени, 12 скокови, пет асистенции, две украдени и три изгубени топки. Кевин Лав постигна 15, а Кајл Корвер 12 поени. На другата страна, Виктор Оладипо беше најефикасен со 22 поена, четири помалку постигна Мајлс Тарнер, а Бојан Богдановиќ осум, со шут од игра 3/6, 1/3 за три поени, три скока и четири асистенции.
Резултатот во серијата е 1:1, а наредните два натпревара се играат во Индијанаполис. Првиот е ноќта меѓу петок и сабота, од еден часот по полноќ.

Најнови вести