Корисничко име Лозинка Пријави се
21.6.2013

Мајами хит ја одбрани титулата, Џејмс МВП на финалето

Мајами хит ја освои третата титула во својата историја откако во „мајсторката“ во финалната серија го победи Сан Антонио спарс со 95:88.

Најдобриот светски кошаркар Леброн Џејмс беше брилијантен со 37 поени, 12 скокови и 4 асистенции со што го заработи пехарот за најкорисен играч во финалната серија.
Во текот на натпреварот ниту еден тим немаше предност поголема од седум поени, а Сан Антонио имаше шанса да се врати на пола минута до крајот. Последниот натпревар, како и целата финална серија донесе квалитет и неизвесност каква не е видена во НБА со години, од финалињата меѓу Сакраменто кингс и Лос Анџелес лејкерс.
Леброн Џејмс од почетокот на втората четвртина ја имаше контролата на натпреварот и играше невообичаено за него, со серија удари за три поени и шутеви од дистанца, па си го поправи просекот на постигнати поени во седмите натпревари кој и досега е највисок во лигата. Финалето го заврши со просек од 25,3 поени, 11 скокови и седум асистенции со што се изедначи со Мајкл Џордан со тоа што врза две титули во серија, две награди за МВП на сезоната и две МВП награди за финалната серија.
Голема поддршка доби од нецелосно заздравениот Двејн Вејд, кој со повредено колено постигна 23 поени со 10 скокови. Веднаш по крајот на натпреварот Вејд отрча да му честита на најголемата ѕвезда на противникот, Тим Данкан во вистински фер-плеј гест.
„Тој е херој, голем борец, еден од најголемите кошаркари во историјата“, изјави по тоа Вејд.
Шејн Батије постигна шест тројки за 18 поени, Марио Чалмерс додаде 14 поени, а одлична епизодна улога повторно имаше Крис Андерсон. Тие ги покрија слабите партии на важните кошаркари како Крис Бош, Мајк Милер и на јунакот на шестиот натпревар, Реј Ален, кои сите заедно останаа без поени, со 0/14 удари од игра.
Во поразениот тим Данкан имаше 24 поени, 12 скокови и четири украдени топки, но во последната четвртина не погоди четири шута од близина какви што обично погодува. Легендарниот кошаркар, исто како и тренерот Попович, прв пат во кариерата загуби во финалната серија, по четири освоени титули.
Спарси титулата веројатно ја испуштија во финишот на шестиот меч, кога Реј Ален погоди тројка за израмнување на резултатот на пет секунди пред крајот, а потоа одигра одлично во одбрана против Џинобили, а Мајами ја зачува минималната предност во продолжението.

Најнови вести