Корисничко име Лозинка Пријави се
16.6.2014

Сан Антонио го сруши Мајами и ја освои петтата титула!

Кошаркарите на Сан Антонио по петти пат во клупската историја ја освоија шампионската титула на НБА-лигата, откако во финалната серија од плејофот го совладаа Мајами хит со 4-1.

До шампионскиот прстен Сан Антонио дојде пред своите навивачи, откако утрово во завршниот натпревар на сезоната 2013/14 го совлада Мајами со 104:87 (22:29, 25:11, 30:18, 27:29).
На тој начин, Сан Антонио се реваншира на Мајами за минатогодишниот неуспех во финалната серија, иако и тогаш беше блиску до титулата. Во шестиот натпревар од финалето „спарси“ прокоцкаа меч топка, , а подоцна во мајсторката ја изгубија и титулата.
Грег Попович, тренерот на Сан Антонио, пред сите, а потоа и неговите пулени извлекоа поука од сопствените грешки и овогодишното финале го направија неинтересно, бидејќи сега веќе поранешниот шампион, Мајами, беше рамноправен само во првите два натпревари.
Преостанатите три средби поминаа во целосна доминација на „мамузите“, коишто станаа дури четврти тим во историјата на НБА-лигата со пет или повеќе титули.
Најуспешен е Бостон селтикс со 17, потоа Лос Анџелес лејкерс со 16, па Чикаго булс, кој во своите витрини има шест титули. 
Сан Антонио на списокот е на четвртото место, а во сите пет трофеи на тимот од Тексас учествуваа само тренерот Грег Попович и Тим Данкан.
Аргентинецот Емануел Џинобили и францускиот ас Тони Паркер освоија титула помалку.
Иако учинокот на Данкан, Џинобили и Паркер и овој пат беше за почитување, сепак најуспешен беше Каваи Леонард, кој е прогласен и за најкорисен играч во финалната серија.
Леонард експлодира во последните три натпревари, во кои Сан Антонио од 1:1 стигна до 4:1. Тој повторно беше движечка сила на тимот, иако поради проблеми со личните грешки не остана на теренот до крај.
Учинокот од 22 коша и десет скокови пред да седне на клупата најдобро го илустрира изданието на овој 23-годишен кошаркар, кога Индијана пред три години го зеде како 15-ти пик на драфтот и веднаш го испрати во Сан Антонио во замена за Џорџ Хил.

Најнови вести