Корисничко име Лозинка Пријави се
13.6.2014

НБА: Сан Антонио на чекор до титулата

Кошаркарите на Сан Антонио го декласираа Мајами хит со 107:86 и сега се на чекор од титулата во НБА-лигата (моментно со вкупен резултат од 3-1).

„Мамузите“ од самиот старт наметнаа свој ритам и со серијата тројки водеа со плус дваесет во првото полувреме. Во тоа многу им помогна лошата одбрана на домаќинот, кој им остави голем број отворени шутеви, како и голема разлика според бројот на скокови и асистенции (44-27 според бројот на скокови, 25-13 според бројот на асистенции). Натпреварот беше полн со убави потези, а во некои моменти изгледаше како Сан Антонио да си поигрува со противникот.
Најдобар поединец во одличниот тим на Сан Антонио беше Кавај Леонард, кој постигна 20 поени, 14 скокови, три асистенции и три украдени топки. Покрај Леонард, ефикасен беше Тони Паркер со 19 поени, Пети Милс додаде 14, а Тим Данкан десет и влезе во историјата со најмногу дабл-дабл учиноци (го престигна Меџик Џонсон) и со бројот на минути во плејофот (го престигна Карим Абдул-Џабар).
Во тимот од Флорида најзабележителен беше Леброн Џејмс. „Кралот“ постигна 28 поени и осум скокови. Во екипата на Хит, покрај Леброн, немаше расположени играчи. Крис Бош додаде 12, а Двејн Вејд 10 поени со многу слаб процент на шутеви. Само уште Џејмс Џонсон беше двоцифрен со 11 поени без промашување, за помалку од три минути на паркетот, но во моментите кога натпреварот беше одамна решен.
Серијата се сели во Тексас, каде што Сан Антонио ќе ја има првата топка. Натпреварот се игра ноќта меѓу сабота и недела, по полноќ според средноевропско време.

Најнови вести