Корисничко име Лозинка Пријави се
17.5.2017

Вориорс со +36 го одбранија домашниот терен

Кошаркарите на Голден стејт вориорс поведоа со 2-0 во финалето на Западната конференција со убедливата победа над Сан Антонио спарс, со резултат 136:100.

Вориорс, за разлика од првата средба кога надополнија -25, целосно доминираа во „Оракл арената“ и ја искористија предноста на домашниот терен против ослабениот ривал.
Во редовите на Сан Антонио го немаше Кавај Ленард, кој ја обнови повредата на глуждот на отворањето на серијата, како ни Тони Паркер, кој претходно ја заврши сезоната.
Од другата страна, Андре Игудала е на листата на повредени кошаркари, а Заза Пачулија го преседе речиси цело второ полувреме поради болки во петата.
Избраниците на Стив Кер, кој ниту овој пат не беше на клупата, го добија натпреварот уште на самиот почеток и потоа само ја зголемуваа разликата. Неколку минути по стартот дојдоа до двоцифрена разлика, а на крајот од првата четвртина имаа 17 поени повеќе – 33:16.
Во 19-тата минута водството изнесуваше 25, а Стефан Кари и дружината во ниту еден момент не попуштија. Тогаш беше јасно дека во Тексас ќе отпатуваа со предност од 2-0 во победите, па Грег Попович, тренерот на Сан Антонио, одлучи да ги одмори носителите на играта.
Вориорс имаа предност и од 41 во финишот, пред Сан Антонио колку-толку да го ублажи поразот.
Кари беше најефикасен играч со 29 поени (6-9 за три), седум скокови и исто толку асистенции, како и три украдени топки. Тој во текот на ноќта го прескокна Дерек Фишер, некогашниот играч на Лос Анџелес лејкерс, на шестото место на вечната листа на играчи по бројот на постигнати тројки во плејофот.

Најнови вести