Корисничко име Лозинка Пријави се
26.10.2016

Кралски старт на НБA, дебакл на Голден стејт вориорс

Леброн Џејмс со кнедла во грлото ѝ се обрати на публиката во Кливленд пред стартот на новата сезона, но потоа премина на работата.

Кошаркарите на Кливленд сезоната во НБА-лигата ја отворија со убедлива победа против Њујорк на својот паркет со резултат 117:88.
Леброн Џејмс, кралот на Кливленд, стартот на сезоната го обележа и со подигнување на знамето под сводот на арената „Квикен Лоанс“ со 43-от трипл-дабл во кариерата (19 поени, 14 асистенции и 11 скокови). Џејмс претходно славеше во два наврати со Мајами по освоените титули, па го задржа совршениот учинок.
„Беше одлично да се доживее овој момент. Беше тешко да се сконцентрираме на натпреварот, но завршивме одлична работа, посебно во второто полувреме. Имаше многу емоции“, изјави Леброн, кој покрај Кајри Ирвинг и остатокот од екипата, во минатата сезона на Кливленд му ја донесе првата титула по 52 години.
Њујорк никс, коишто со Роус и Ноа направија амбициозен тим, се држеа до полувремето кога беше 48:45, но на стартот на третиот дел Кливленд ги разби.
Ирвинг беше одличен со 29 поени, четири тројки и 12-22 од игра, а Кевин Лав додаде 23 поени и 12 скокови. На другата страна, Кармело Ентони имаше 19 поени и пет скокови, Роуз додаде 17 поени и три скока, Кристапс Порзингис 16 поени и седум скокови.
Дербито на вечерта се одигра во арената „Оракл“, каде што Сан Антонио спарс сериозно го загрози Голден стејт вориорс. Тимот на Стив Кер, кој е најавен како најголем фаворит оваа сезона по доаѓањето на Кевин Дурант, немаше шанса против Спарси.
Сан Антонио од стартот ја презеде контролата на натпреварот, погоди во сите четири четвртини 30+ поени и целосно го растури Голден стејт славејќи со 129:100.
Сан Антонио постигна одлични 12-24 за три поени, а го предводеше човекот кој не даде ниту една тројка. Кавај Ленард заврши со 35 поени, пет скока и три асистенции. Одличен беше и Олдриџ со 26 поени и 14 скокови, а Џонатон Симонс додаде 20 поени и четири скока од клупата.
Кевин Дурант имаше 27 поени, 10 скокови и четири асистенции во поразениот тим. Стефан Кари постигна 26 поени, имаше четири асистенции и три скока, а Дрејмонд Грин додаде 18 поени, 12 скокови и шест асистенции. Послабо одигра Клеј Томпсон со 11 поени (5-13) и две асистенции.

Најнови вести