Корисничко име Лозинка Пријави се
19.12.2013

Атлетико Минеиро остана без тренерот

Загубата на шансите да се бори за титулата Светски клупски шампион не е единственото нешто без кое остана вчера бразилскиот Атлетико Минеиро.

Педесетгодишниот Кука веќе не е тренер на бразилскиот фудбалски клуб, откако одлучи да потпише договор со кинескиот прволигаш Шандонг Луненг. Веста ја потврди и претседателот на Атлетико Минеиро, Алешандре Калил.
„Кука веќе си замина. Бараше да го пуштам. Играчите и пред полуфиналето знаеја дека заминува“, изјави претседателот.
Атлетико во полуфиналето на Светското клупско првенство беше поразен од Казабланка со 3-1, иако пред средбата беше голем фаворит. По испаѓањето во полуфиналето и загубата на тренерот, Атлетико би можело да остане и без најдобриот играч, поранешниот најдобар играч на светот – Роналдињо.
На Бразилецот договорот му истекува на крајот на оваа година, а некои медиуми споменуваат дури и негово враќање во еден од европските гиганти за да ги зголеми шансите за учество на Светското првенство, кое наредното лето се организира во Бразил.

Најнови вести