Корисничко име Лозинка Пријави се
29.9.2015

Роналдињо го напушти Флуминенсе по три месеци

Роналдињо Гаучо, еден од најдобрите фудбалери на планетава во последните две децении, го напушти Флуминенсе само по три месеци.

Легендата на Барселона и на светскиот фудбал во Флуминенсе стигна како големо засилување, но само по девет одиграни натпревари, соработката е раскината по договор од двете страни.
„Сакаме да соопштиме дека ја раскинавме соработката со Роналдињо Гаучо, по взаемен договор, но мораме да потенцираме дека играчот уште од првиот ден кон челниците, клубот и кон навивачите се однесуваше со максимален професионализам и почитување. Тоа го покажуваше и на секој тренинг“, се наведува во соопштението на славниот клуб од Рио де Жанеиро.
Најдобриот играч на светот во 2005 година по заминувањето од Барселона, со која освои сè што можеше да се освои, настапуваше за: Милан, Фламенго, Атлетико Минеиро и мексиканскиот Керетаро, додека по почетоците во Гремио, европската авантура ја почна во ПСЖ.
„Исто така, Флуминенсе и Роналдињо не ја прекинуваат соработката засекогаш, во блиска иднина планираат заеднички проекти. Треба да се напомене дека Дињо направи многу за клубот и за маркетингот, со самата продажба на картите и дресовите со негово име, а неговиот потег сигурно ќе повлече уште играчи од светска класа во нашиот клуб. Му посакуваме многу среќа и успеси во понатамошната кариера“, пишува во соопштението на Флуминенсе.
Триесет и петгодишниот фудбалер од Порто Алегре беше светски шампион со Бразил во 2002 година во Јапонија и Јужна Кореја.

Најнови вести