Корисничко име Лозинка Пријави се
27.8.2013

Деко ја заврши кариерата

Деко, 35-годишниот бразилски фудбалер и некогашен португалски репрезентативец, одлучи да ја заврши долгата и успешна кариера. Причина се честите повреди на мускулите во последно време.

Последниве сезони Деко го носеше дресот на Флуминенсе од Бразил, со кого минатата сезона ја прослави и шампионската титула во бразилската Серија А, но во последно време често отсуствуваше од теренот поради споменатите повреди.
„Моето тело веќе не ми дозволува да играм фудбал на највисоко ниво. Многу би сакал и понатаму да можам да му помагам на Флуминенсе, но тоа не сум веќе во состојба да го правам“, изјави Деко.
Неговата кариера траеше седумнаесет години, а најголемо внимание привлекуваше како играч на Барселона. Со неа ја освои титулата на победниците во Лигата на шампионите 2006 година, а две години порано до таа цел дојде и како фудбалер на Порто.
Со Португалија, пак, двапати настапи на Светското и еднаш на Европското првенство. Во тој национален дрес одигра 75 натпревари и постигна пет голови.
Освен за Барселона, Порто и Флуминенсе, Деко настапуваше и во дресот на Салгејруш и Челзи.

Најнови вести