Корисничко име Лозинка Пријави се
04.6.2012

Нилмар се враќа во Бразил

Вилјареал испадна од Примера лигата, па речиси сите фудбалери тргнаа во потрага по нова средина.

Еден од нив е и дваесет и седумгодишниот напаѓач Нилмар, кој по сè изгледа ќе се врати во матичниот Интернасионал од Порто Алегре. Кука Лима, спортскиот директор на Интернасионал, изјави дека преговорите со напаѓачот веќе се завршени и дека тој е расположен и има огромна желба да се врати во клубот, а останува само да се види колкаво ќе биде обесштетувањето. Шпанците засега бараат сума меѓу 8 и 10 милиони евра.
Нилмар е член на Вилјареал уште од 2009 година, кога за сума од 16,5 милиони евра дојде токму од Интернасионал, но во целост не ја оправда довербата, а пречка за тоа беа големиот број повреди во текот на кариерата. Минатата сезона одигра дваесет и еден натпревар, а постигна само четири голови.
Бразилецот за првпат ја напушти својата земја во 2004 година, кога потпиша за Лион, кој најпрвин му го даде на заем на Коринтијанс, по потоа го продаде во тој клуб, каде што остана само една година, па повторно се врати во Порто Алегре. За репрезентацијата на Бразил одигра 24 меча и постигна девет гола.

Најнови вести