Корисничко име Лозинка Пријави се
18.12.2012

Жунињо премина во редовите на Њујорк Ред булс

Бразилскиот фудбалер Жунињо Пернамбукано потпиша договор со прволигашот на МЛС-лигата, Њујорк Ред булс.

Триесет и седумгодишниот бразилски репрезентативец во Њујорк доаѓа од Васко де Гама.
„Жунињо е играч од светска класа, а директорот на клубот Жерар Улие и јас сме негови големи фанови“, рече Енди Роксбери, спортскиот директор на клубот од Њујорк.
Пернамбукано и Жерар Улие соработуваа во францускиот прволигаш Лион во периодот од 2005 до 2007 година, кога Улие беше тренер на екипата.
„Тој е голем професионалец на теренот, но и надвор од него. Поседува голем талент, специјалист е за слободни удари и неверојатен техничар. Моментно се наоѓа во одлична форма и мислам дека ќе има одлично влијание на нашата игра во 2013 година“додаде Роксбери.
Бразилскиот специјалист за слободни удари прво ќе мора да добие виза пред да се реализира трансферот.
Жунињо во кариерата играше за бразилскиот Спорт Ресифе, Васко де Гама, Лион и Ал-Гарафа од Катар. Најдобрите години во кариерата ги помина во Лион, кога беше дел од генерацијата која освои седум последователни шампионски титули на Франција и една титула на Купот на Франција.

Најнови вести