Корисничко име Лозинка Пријави се
16.12.2014

Тиери Анри заврши со фудбалот

Тиери Анри, легендарниот напаѓач на Арсенал, изјави дека се повлекува од професионалниот фудбал и дека ќе стане телевизиски коментатор.

„Ова беше неверојатно патување и би сакал да им се заблагодарам на сите навивачи и на соиграчите во Монако, Јувентус, Арсенал, Барселона, Њујорк и, секако, на репрезентацијата на Франција, која ја направи посебна мојата кариера“, изјави 37-годишниот Анри, кој неодамна одлучи да го напушти Њујорк Ред булс.
„Сега е време за поинаква кариера и со задоволство кажувам дека се враќам во Лондон и дека ќе работам за Скај Спортс. Се надевам дека со вас ќе споделам некои согледувања и искуства што ги стекнав“, додаде Французинот.
Анри професионалната кариера ја почна во Монако и кратко го носеше дресот на Јувентус пред да направи трансфер во Арсенал во август 1999 година.
Израсна во икона на „топчиите“, во чиј дрес постигна повеќе од 200 голови, два пати ја освои Премиер лигата и три пати ФА купот.
Потоа настапуваше за Барселона, со која, меѓу останатото, ги освои Примера лигата, Лигата на шампионите и Кралскиот куп, а последните пет сезони ги помина во Њујорк, со краток заем во Арсенал.
За репрезентацијата на Франција одигра 123 натпревари и постигна 51 погодок.

Најнови вести