Корисничко име Лозинка Пријави се
02.12.2014

Венгер: Анри ќе се врати во Арсенал

Арсен Венгер, менаџерот на Арсенал, изјави дека Тиери Анри, поранешната ѕвезда на „топчиите“, ќе се врати во клубот, но како тренер.

Анри вчера се збогува од Њујорк Ред булс, за кого играше во изминатите четири години.
Триесет и седумгодишниот Анри неодамна за „Л’Екип“ изјави дека сака да му помогне на Арсенал да ја освои Лигата на шампионите и дека Венгер мисли дека е само прашање на време кога тој ќе се врати во тимот.
„Анри е човек на Арсенал. Тој најдобрите моменти во кариерата и во животот ги проживеа токму во овој клуб“, изјави Венгер на конференцијата за новинарите пред натпреварот со Саутхемптон во средата.
Венгер изјави дека Анри сигурно ќе се врати еден ден, но додаде дека не знае во која улога.
„Нему му останува да размисли во која насока сака да тргне“, додаде Венгер.
Тој изјави дека Анри ги поседува сите потребни квалитети за тренер.
„Тиери ги има сите неопходни квалитети – тој е интелигентен, посветен и го сака фудбалот. Само треба да размисли дали ќе го жртвува целиот свој живот за да ѝ се посвети на таа работа“, додаде менаџерот на Арсенал.
Анри, кој со репрезентацијата на Франција ги освои светската и европската шампионска титула, помина осум години во Арсенал, со кого освои две шампионски титули на Премиер лигата и три на ФА купот, пред да направи трансфер во Барселона во 2007 година.
Со Барселона тој освои седум трофеи – вклучувајќи ја Лигата на шампионите во 2009 година, а следната година отиде во Њујорк Ред булс, а потоа на кратко, во јануари 2012 се врати во Арсенал на заем.
Венгер речиси ја отфрли можноста дека Анри ќе заигра за Арсенал.
„Тоа би можело да се случи, но со 37 години да се игра во Премиер лигата, не мислам дека Анри го сака тоа“, изјави Венгер.

Најнови вести