Корисничко име Лозинка Пријави се
02.10.2017

Петмина навивачи сериозно повредени во Франција

Најмалку 29 навивачи се повредени, од кои петмина се здобиле со сериозни повреди, кога се срушила оградата на трибината во текот на првенствениот натпревар меѓу Амиен и Лил.

Инцидентот се случил во 16-тата минута од натпреварот, кога гостинските навивачи од Лил го прославувале голот на Фоде Бало Туре. Оградата се срушила, по што десетина навивачи паднале на теренот.
По состанокот на надлежните за безбедност, натпреварот бил прекинат и стадионот испразнет, а локалното обвинителство покренало постапка.
Амиен и Лил се оддалечени околу сто километри, а натпреварот меѓу тие два тима се смета за локално дерби.
Амиен во Првата лига на Франција се натпреварува за прв пат во 116-годишната историја. Неговиот стадион со капацитет од 12.000 седишта е најмал во Првата лига.
Весникот „Екип“ пренесе дека Бернар Јоанин, претседателот на Амиен, за инцидентот ги обвинил навивачите на Лил.
„Полицијата нè предупреди дека 200 проблематични навивачи се сместени во гостинскиот сектор“, изјави Јоанин.
Од Лил одговорија дека таквите изјави се неодговорни и предизвикувачки, со оглед на моменталната ситуација.
„Се надеваме дека Лигата ќе ги идентификува одговорните. Нашите навивачи се беспрекорни, а професионалниот фудбал мора да биде подобро организиран“, се наведува во соопштението на Лил.

Најнови вести