Корисничко име Лозинка Пријави се
19.8.2016

Никој никогаш како Болт – трето злато на 200 метри!

Најбрзиот човек на планетата Јусејн Болт продолжи да испишува нови страници во историјата на атлетиката со второто злато на Олимписките игри во Рио де Жанеиро.

Болт во финалето на трката на двесте метри оствари време од 19,78 и со тоа стана прв човек кој три пати последователно триумфира во оваа дисциплина на Олимписките игри.
Пред неколку дена победи на сто метри, а во Пекинг во 2008 и во Лондон 2012 година исто така беше најдобар во двете спринтерски дисциплини, што никој никогаш не успеал да го оствари.
Уште утре ќе има шанса да комплетира нов, трет олимписки хет-трик, бидејќи ќе настапи како дел од јамајската штафета 4x100 метри.
Околу еден час пред почетокот на финалето на трката почна силен дожд во Рио де Жанеиро, што на ривалите на Болт им даде поголеми шанси да му парираат.
Но, тој од стартот беше концентриран, уште на почетокот на кривините се стекна со предност, а кога се влезе во финишот, три-четири метри беше пред најблискиот конкурент. Полошите услови не дозволија светскиот рекорд да биде загрозен, а Болт, еден од најголемите спортисти на сите времиња, ја продолжи повеќегодишната доминација.
Сребрениот медал го освои Канаѓанецот Андре де Грас, кој трката ја заврши во време од 20,20, додека бронзата замина во рацете на Кристоф Леметр. Французинот беше на шестата позиција, кога во финишот се засили и дојде до медалот – 20,12 секунди.

Најнови вести