Корисничко име Лозинка Пријави се
20.2.2018

Паѓаа рекорди во брзо лизгање – злато за Лорентсен

Норвежанецот Ховар Лорентсен постави нов олимписки рекорд во брзо лизгање на 500 метри (34.41), со којшто дојде и до првиот златен медал на Зимските олимписки игри.

Паѓаа рекордите во најкратката дисциплина брзо лизгање на Зимските олимписки игри. Во неколку наврати беше соборен рекордот на патеката, а Кореецот Ча Мин Кју прв го собори рекордот за време од 34.42.
Сè уште во еуфорија беше домашната публика кога Норвежанецот го сруши штотуку поставеното најдобро време на ЗОИ, бидејќи беше побрз за една стотинка. На Норвешка ова ѝ е прво злато во оваа дисциплина уште од 1948 година.
Олимпискиот рекорд на Лорентсен му донесе златен медал, додека Мин Кју мораше да се задоволи, во овој случај, само со сребрен.
На подиумот заврши и Кинезот Тангју Гао со време од 34.65.
Рекордот на натпреварувањето претходно го соборија и Холанѓанките во четврт-финалето на тимското натпреварување во потера.
Репрезентацијата на Холандија обезбеди место во полуфиналето откако мерачот на времето застана на 2:55.61.
Меѓу најдобрите четири екипи, коишто во средата се натпреваруваа за медалите, се најдоа уште Јапонија, (2:56.09), Канада (2:59.02) и Соединетите Американски Држави (2:59.75).

 

Најнови вести