Корисничко име Лозинка Пријави се
22.2.2018

Гисин со освои златото во комбинациите, среброто за Шифрин

Швајцарската скијачка Мишел Гисин се закити со златниот медал во алпската комбинација на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг.

Гисин до титулата олимписка шампионка дојде со одличното издание во спустот и во слаломот, кое ѝ донесе вкупно време од две минути, 20 секунди и 90 стотинки.
Среброто ѝ припадна на Американката Микаела Шифрин, која заостана 97 стотинки , додека за двократниот швајцарски подиум се избори Венди Холденер.
Гисин благодарение на триумфот во комбинациите го повтори успехот на нејзината сестра Доминик, која пред четири години го освои олимпиското злато во спустот. Помладата од сестрите Гисин беше трета по спустот, а потоа уште подобро го извози слаломот и тоа беше рецептот за нејзиниот успех. Така дојде и до нејзиниот прв олимписки медал.
На Шифрин сребрениот ѝ е втор медал во Пјонгчанг, откако претходно го освои златниот во велеслаломот, а не успеа да ја одбрани титулата во слаломот. Холденер не ги обедини титулите светска и олимписка шампионка, но дојде до втор медал во Пјонгчанг, бидејќи сребрениот го освои во слаломот.
Покрај маестралното скијање на Гисин, комбинацијата ја обележа и Американката Линдзи Вон, која беше одлична во спустот, но направи голема грешка во слаломот. Вон остана без пласман во комбинацијата и на тој начин се збогува од Зимските олимписки игри, бидејќи претходно најави дека нема да се натпреварува во Пекинг по четири години.
Комбинацијата првобитно требаше да се одржи утре, но поради најавениот силен ветар беше поместена за ден претходно.