Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
26.2.2018

Злато за Русите по спектакуларно финале

Хокеарите на репрезентацијата на Русија, која настапува под неутрално знаме, го освоија златниот медал на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг откако ја победија Германија со 4-3 по продолженијата во спектакуларното финале.

Јунак на триумфот на Русите беше Кирил Капризов, кој ја затресе мрежата на Германија во десеттата минута од продолжението во пауер плејот и го врати неговиот тим на тронот по 26 години.
На тој начин, селекцијата на Русија го освои деветтото злато во историјата, но до двете дојде под неутралното знаме. Таков беше случајот и во 1992 година во Албертвил, а сите претходни седум злата ги освоија хокеарите на Советскиот сојуз.
Воедно, олимпијците од Русија го донесоа второто најсјајно одликување на Игрите во Пјонгчанг, а претходното го освои Алина Загитова во уметничко лизгање.
Германците беа поразени во нивното прво олимписко финале, бидејќи пред четири години не се ни квалификуваа за Зимските олимписки игри во Сочи. За утеха им останува сребрениот медал, по двата бронзени до коишто дојдоа во 1932 и во 1976 година.
Русите и Германците одиграа едно од најдобрите финалиња во историјата на Зимските олимписки игри, преполно со пресврти, во кои ниедна екипа не успеа да направи поголема предност од еден гол.
Почетокот на натпреварот помина во знакот на олимпијците од Русија, коишто беа поконкретни во нападот, но до предност дојдоа во самиот финиш на првиот период. Стрелец беше Вјачеслав Војнов, по одличната акција во која учествуваа и Никита Гусев и Кирил Капризов.
Се чекаше на одговор на Германците, а тој следуваше во десеттата минута од втората третина, кога Феликс Шуц ја затресе мрежата на Русите за 1-1.
Сè што се случи во првите 40 минути, никого не можеше да го подготви за последниот период, кој беше преполн пресврти, а на крајот немаше победник. Гусев им ја врати предноста на Русите во 14-тата минута од периодот со одличниот гол од практично невозможен агол, но само десетина секунди подоцна, Доминик Кахун им ја врати надежта на Германците.
Тогаш сè беше на страната на Германците, кои го искористија тоа и три минути подоцна за прв пат поведоа на натпреварот. Многумина си помислија дека финалето е решено, но Русите не се предаваа, пред последната минута го повлекоа голманот, се играше пет на пет, а Гусев ја испрати плочката во мрежата на Германците за резултат 3-3 и за продолжение.
Во дополнителните 20 минути, ниеден тим не сакаше да се препушти на случајноста, се играше многу порезервирано отколку во регуларниот тек на натпреварот, па поради тоа немаше многу шанси за гол. Новиот олимписки шампион се одлучи во десеттата минута, кога во моментот со играч повеќе на мразот Капризов им го донесе златниот медал на Русите.
Бронзениот медал го освоија хокеарите на Канада, коишто во саботата, во натпреварот за третото место ја победија репрезентацијата на Чешка со 6-4.

Најнови вести