Корисничко име Лозинка Пријави се
28.2.2018

Болт во Тимот на светот против Англија на „Олд Трафорд“

Осумкратниот олимписки шампион Јусејн Болт му порача на пејачот Роби Вилијамс дека кон Англија нема да биде благ на хуманитарниот натпревар во јуни.

На десетти јуни организацијата „Сокер ејд“ го организира натпреварот во којшто од 2006 година учествуваат познати личности и фудбалери. Оваа година меѓу фудбалерите ќе биде и брзиот Болт.
И едните и другите се поделени во две екипи, Англија и Тимот на светот на „Сокер ејд“.
„Сонот ми беше да станам професионален фудбалер. Играњето против некои од најголемите фудбалски легенди ќе биде одлично. Роби Вилијамс и неговиот тим Англија. Роби и неговиот тим Англија подобро да внимаваат бидејќи нема да бидам нежен кон нив“, изјави предупредувачки Болт и додаде дека подготвил и посебна прослава во случај да победи неговиот тим.
Болт е само еден од познатите спортисти коишто учествувале. Меѓу фудбалерите претходните години беа Диего Марадона, Роналдињо, Алан Ширер, додека од познатите беа Крејг Дејвид, Гордон Ремзи, Мајк Мајерс, Вил Ферел.
„Враќањето на титулата на Англија ќе биде уште послатко со Болт во противничкиот тим. Едвај чекам да ја предводам Англија“, изјави Роби Вилијамс, еден од основачите на „Сокер ејд“.
Влезниците за натпреварот чинат меѓу 10 и 50 фунти, а средствата се наменети за помош на децата. За претходните 12 години собрани се околу 27 милиони евра.
Јусејн Болт потпиша договор со јужноафриканскиот Мамелоди сандаунс и со тоа и официјално стана фудбалер по многу успешната атлетска кариера.

Најнови вести