04.1.2016 Роналдињо може да заигра во Премиер лигата?
Легендарниот бразилски фудбалер Роналдињо има неколку понуди од англиските фудбалски клубови да ги засили оваа зима, откри неговиот брат Роберто, кој е воедно и негов агент.
Роналдињо, некогашниот добитник на Златната топка, во моментов е слободен играч откако го напушти Флуминенсе, но сака да се врати во професионалниот фудбал во февруари.
Неговиот краток престој во Флуминенсе го одбележаа проблеми и тој го поништи договорот кој го имаше со клубот по само девет натпревари, но 35 годишниот фудбалер и понатаму е многу посакуван.
Братот на Роналдињо истакна дека бразилскиот фудбалер има повеќе понуди од клубовите од Англија, но може да се одлучи и својата кариера да ја продолжи во Азија или во САД.
„Азија или САД се сè подобра опција. Мојот брат е натпреварувач, тој сака да победува, а тоа луѓето не го разбираат за него. И понатаму сака да игра, никогаш немаше посериозни повреди, неговото тело е во совршена форма. Мислам дека има уште три или четири сезони, а можеби дури и повеќе“, истакна Роберто.
Меѓутоа, постои шанса Роналдињо да се врати и во родниот Бразил, бидејќи во текот на кариерата единствено не стана шампион во сопствената земја.
„Тоа и понатаму е неговиот сон“, додаде Роберто.
Роналдињо ја напушти Европа во 2011 година и се врати во Бразил, каде потпиша договор за Фламенго, потоа ги бранеше боите на Атлетико Минеиро, играше за мексиканскиот Керетаро и Флуминенсе. Кариерата ја започна во Гремио, а на „стариот континент“ играше за ПСЖ, Барселона и Милан.