16.10.2015 Друловиќ нов тренер на Партизан
Фудбалскиот клуб Партизан за нов тренер го именуваше Љубинко Друловиќ, досегашниот селектор на македонската фудбалска репрезентација.
Друловиќ на клупата на „црно-белите“ ќе го замени Зоран Милинковиќ, со кого договорно е раскината соработката по низата лоши резултати во Суперлигата на Србија.
Управниот одбор едногласно го избрал Друловиќ, кој на клупата на Партизан ќе дебитира во недела, на натпреварот од 14-тото коло на Суперлигата со Јавор.
Шпекулациите за разделбата со Милинковиќ траеја неколку седмици, а иако се чинеше дека се смирија, сè се промени по ремито од 2-2 меѓу Партизан и Радник, и тоа што шампионот на Србија на полувремето водеше со 2-0. Миленковиќ по натпреварот во Сурдулица понудил оставка, а разделбата била договорена на состанокот на Управниот одбор, по соработка од седум месеци.
Друловиќ како играч ги бранеше боите на Партизан во сезоната 2003/04, а најголемиот успех во тренерската кариера го оствари со освојувањето на европската шампионска титула со младата репрезентација на Србија во 2013 година. Од оваа година беше селектор на Македонија, а претходно во Србија кратко го водеше Банат од Зрењанин.