07.5.2015 Суспензија на Ла Лига од 17 мај?!
Фудбалскиот сојуз на Шпанија вчера ја суспендира Примера лигата на неопределено поради спорот со Владата на таа земја, вклучувајќи ги и телевизиските права.
Како што е соопштено, Фудбалскиот сојуз на Шпанија е незадоволен поради тоа што добил само 4,55 отсто од приходите, иако е наведено дека таа организација е отворена за дијалог.
Одложени се сите натпревари почнувајќи од 16-ти мај, вклучувајќи го и финалето на Кралскиот куп.
На три кола пред крајот на Примера лигата, Барселона е лидер на табелата со два бода повеќе од второпласираниот Реал Мадрид.
Шпанскиот фудбалски сојуз тврди дека штрајкот дефинитивно ќе биде спроведен и би можело да биде проширен на судиите, официјалните лица, тренерите и регионалните федерации.
Фудбалските стручњаци сметаат дека најавата на овој штрајк е обид да се спречи планираниот протест на фудбалерите, коишто се незадоволни од условите на договорите за ТВ-правата, вклучувајќи го нискиот процент планиран за нисколигашите.
Проблемот во Шпанија во врска со ТВ-правата е во тоа што најголемите клубови Реал Мадрид и Барселона добиваат многу поголем процент пари од останатите, за разлика, на пример, од англиската Премиер лига, каде што парите се делат на основа на гледаноста и успехот на клубовите во сезоната.
Сојузот наведува дека спорот со Владата не бил решен ниту по три месеци од преговорите.