Корисничко име Лозинка Пријави се
27.10.2014

Убиен голманот на Јужна Африка

Голманот на Орландо Пајратс и на репрезентацијата на Јужноафриканската Република, Сензо Мејива, е убиен вчера.

Засега нема повеќе информации за тоа како го изгубил животот Мејива, туку само се знае дека е убиен од огнено оружје.
Според непотврдени извори, Мејива бил во куќата на својата девојка во Ворлорс кога некој човек му го побарал мобилниот телефон и потоа почнал да пука.
По доаѓањето во болница, лекарите можеле само да констатираат смрт на 27-годишниот голман.
Мејива во саботата вечерта играше за Пајратс, коишто од клупата ги води Владимир Вермезовиќ, во триумфот над Ајакс Кејптаун со 4-1 во четврт-финалето на Лига купот.
Последните месеци Мејива стана херој во Јужна Африка бидејќи не прими ниту еден гол на последните четири натпревари во квалификациите за Купот на африканските нации. Исто така, ја доби капитенската лента во отсуство на првиот голман Итумеленг Кун.
„Мораме да го прекршиме нормалниот протокол. Можеме да потврдиме дека голманот на Јужна Африка е убиен и, за жал, е констатирана неговата смрт по доаѓањето во болница“, стои во соопштението на полицијата.