Корисничко име Лозинка Пријави се
21.5.2014

Монако го отпушти Раниери, преговара со Жардим

Клаудио Раниери, тренерот на Монако, вчера доби отказ, иако ги исполни сите резултатски цели што ги бараше управата од него.

Вадим Василјев, потпретседателот и генерален менаџер на Монако, изјави дека на управата не ѝ било лесно да ја донесе таквата одлука.
„Многу тешко ја донесовме одлуката за разделба. Никогаш не е лесно кога имате добри резултати, но можеби не делиме иста визија за развојот на клубот“, изјави Василјев.
Тој не го именуваше наследникот, но изјави дека е важно да се сочува медитеранскиот идентитет.
Според наводите на медиумите и извори блиски на клубот, Монако веќе е во преговори со 39-годишниот Португалец Леонардо Жардим, неодамнешниот тренер на Спортинг.
Кога во јануари 2012 година Дмитриј Риболовлјев го спаси од банкрот клубот кој се наоѓаше на последното место во втората лига, го доведе Марко Симоне, иако подоцна изјави дека е свесен дека тој не може да биде архитект на проектот на реконструкција.
Откако управатa не успеа да го доведе Роберто Манчини, клубот се сврти кон Раниери, кој тогаш го напушти Интер. Италијанецот доби задача да ја врати екипата во првата лига, во што и успеа.
Монако тогаш, летото 2013 година, стана еден од најголемите хитови на европскиот фудбал, а Риболовлјев можеби и најголемиот потрошувач, иако најзвучното засилување Радамел Фалкао не се покажа сосема во првата сезона поради повредите.
Медиумите наведуваат и дека лаконскиот начин на комуникација на Раниери, и тоа исклучиво на италијански јазик, придонесол за лошиот имиџ на тренерот кај сопственикот, а работата која ја одлучи судбината на тренерот е испаѓањето во полуфиналето на Купот во април.

Најнови вести