Корисничко име Лозинка Пријави се
08.5.2014

Работнички го освои трофејот во Купот на Македонија

Работнички е новиот освојувач во Купот на Македонија откако синоќа на арената „Филип Втори“ со 2-0 го победи градскиот ривал Металург. „Романтичарите“ во поголемиот дел од натпреварот беа со играч повеќе.

Натпреварот се одигра пред речиси празни трибини и без навивачка атмосфера, иако влезот за финалето беше слободен.
Во 32-рата минута Металург остана со играч помалку откако црвен картон доби Пеев.
По првите неинтересни 45 минути без сериозни шанси, Вујовиќ во судиското продолжение играше со рака во својот шеснаесетник, а пеналот за 1-0 го погоди Маневски. Металург се обиде во вториот дел да го израмнат резултатот, но не создадоа стопроцентни шанси за гол.
Највозбудливо беше во финишот на мечот. Во 87-та минута од контранапад Марковски пропушти 100% шанса за да го зголеми водството, а по три минути и Сулејманов не реализираше чиста шанса за гол.
Третиот контранапад „романтичарите“ успеаја да го искористат преку Петров во 92-та минута, кој стави точка на финалето за славење на тимот од Дебар Маало, кој стигна до третата титула во Купот на Македонија.
Во ова натпреварување најтрофеен клуб е Вардар со пет освоени пехари, на второ место е Работнички, кој се израмни со Слога Југомагнат и имаат по три пехари. Купот на Македонија минатата година го освои Тетекс.

Најнови вести