Корисничко име Лозинка Пријави се
10.12.2013

Војводина остана без тренер

Фудбалскиот клуб Војводина објави дека Марко Николиќ веќе не е тренер на Војводина, по шпекулациите дека ќе го преземе Партизан или Црвена ѕвезда.

Николиќ по завршувањето на есенскиот дел на сезоната во Суперлигата на Србија, на заеднички ручек им соопшти на управата на клубот и на играчите дека веќе не сака да биде тренер на клубот од Нови Сад.
„Ми беше чест да бидам на клупата на еден толку голем клуб каков што е Војводина. Во Нови Сад поминав шест убави, но турбулентни месеци и одовде носам само најубави впечатоци“, изјави Николиќ.
„Во клубот дојдов во многу незгоден момент, по смртта на претседателот Буторовиќ, но според мое длабоко уверување, сите заедно одработивме добра работа. Војводина сега е стабилна, новите луѓе во управата сигурно ќе направат сè клубот во годината кога слави јубилеј 100 години од основањето да биде на уште повисоко ниво од тоа на кое беше. Се пласиравме во полуфиналето на Купот и речиси сум сигурен дека Војводина напролет ќе го донесе во Нови Сад толку посакуваниот трофеј што им го посакувам од сè срце“, додаде Николиќ.
На прашањето дали таа одлука значи дека ќе преземе некој од вечните ривали, што се шпекулираше последните седмици, Николиќ рече:
„Моментно не сум тренер на ниту еден клуб, а што ќе биде, ќе покаже времето. Не сакам да потенцирам ништо, бидејќи тренерската работа е таква што никогаш не знаете на која страна ќе ве одведе. Не се Партизан и Црвена ѕвезда единствени клубови во Србија во кои може да се работи, ниту е исклучена опцијата да заминам во странство“.