Корисничко име Лозинка Пријави се
12.9.2012

Војводина со нов тренер

Небојша Вигњевиќ е нов тренер на Војводина од Нови Сад, која вчера неочекувано го смени Златомир Загорчиќ.

Лидерот на Суперлигата на Србија соопшти дека се констатирани одредени недостатоци во изминатиот период, а Управниот одбор смета дека Вигњевиќ ќе успее да ги поправи воочените грешки.
Се навестува дека раководството на клубот не е задоволно од квалитетот на играта, иако новосаѓаните се први на табелата, со три победи и едно реми, и дека на несреќен начин се елиминирани во третата рунда од квалификациите за Лигата на Европа.
Загорчиќ е осми сменет тренер во Војводина од пролетта 2009 година. Од клупата заминаа: Љупко Петровиќ, Зоран Мариќ, Драгослав Степановиќ, Бранко Бабиќ, Милан Ѓуричиќ, Зоран Милинковиќ и Дејан Вукиќевиќ.
Вигњевиќ е 44-годишен стручњак кој играчката кариера ја заврши во 2002 година во Унгарија. Како тренер ги водеше Грбаљ и Пљевља во Црна Гора, во 2011 година беше на клупата на Хајдук Кула, а минатата сезона беше тренер на Рад.
Во следното, петто коло на Суперлигата Војводина ја дочекува Јагодина.