Корисничко име Лозинка Пријави се
19.10.2013

Баер Леверкузен победи со фантомски гол!

Фудбалерите на Баер Леверкузен се на првото место на табелата на германската Бундеслига, откако во првиот натпревар од деветтото коло како гости го совладаа Хофенхајм со 2-1.

Но, победата на „фармацевтите“ остана во сенка на неверојатниот гаф од 70-тата минута, кога судијата Феликс Брих го призна голот што воопшто го немаше!
Штефан Кислинг по корнерот со глава упати удар, а топката низ надворешната страна на мрежата влезе во голот. И самиот Кислинг веднаш сфати дека не погоди, но судијата изненадувачки го призна погодокот. Домаќините залудно се жалеа и на судијата му ја покажуваа дупката на мрежата, но попусто. Кислинг по шести пат оваа сезона беше стрелец иако не постигна гол!
Пред тој фантомски погодок, регуларен стрелец за гостите во 26-тата минута по одлично изведениот контранапад беше Сидни Сам, кој со левата нога шутираше од врвот на шеснаесетникот. За 25-годишниот крилен напаѓач, кој игра во животна форма, тоа е веќе седми погодок оваа сезона, со што се пласира на првото место на табелата на стрелците.
За да се искупи за неверојатната грешка, очајниот судија Брих во 82-рата минута му подари пенал на Хофенхајм, но Бернд Лено го одбрани ударот на Роберто Фирмино. Домаќините, сепак, дојдоа до утешен погодок во 88-мата минута, кога стрелец беше Свен Шиплок.
Како што стојат работите сега, не е исклучено дека овој натпревар може повторно да се одигра. Засега Баерн со овој натпревар веќе има 22 бода, два повеќе од Баерн Минхен и три од Борусија Дортмунд. Хофенхајм, пак, остана на десет бодови.

Најнови вести