Корисничко име Лозинка Пријави се
27.3.2013

Втор пораз од Белгија за пет дена

Македонската фудбалска репрезентација одигра солиден меч во Брисел, но го доживеа и вториот пораз од Белгија, овој пат со 0-1.

Нашите репрезентативци покажаа дека можат да играат со силни репрезентации како што е Белгија. Во поголемиот дел на натпреварот, нашите фудбалерите играа цврсто и организирано во одбраната и успеваа да ги запрат ѕвездите на домаќинот.
Најопасен беше фудбалерот на Челзи, Еден Азар, кој неколкупати се закани на Пачовски, кој интервенираше и не допушти рано водство на Белгијците. Македонија имаше неколку периоди во кои ја пренесе играта на противничката половина, но ударите на Пандев не го загрозија голот на Куртуа.
Во второто полувреме Белгија тргна со сите сили кон нашиот шеснаесетник, иако Новески со удар со глава имаше убава можност да нè доведе во водство. Во 59-тата минута Азар ја погоди пречката на нашиот гол, а една минута подоцна по една убава акција се ослободи од Георгиевски и го постигна голот кој на крајот се покажа одлучувачки.
До крајот се обидовме да стигнеме до изедначување, но Пандев и Глигоров не ја погодија мрежата на Куртуа, по што Белгијците рутински го доведоа натпреварот до крајот.
По овој пораз Македонија падна на петтото место во Групата А и остана со четири бода, во која први се Белгија и Хрватска со по 16 бодови, Србија е трета со седум, Велс е на четвртата позиција со шест, а последна е Шкотска со два бода.
Во вчерашните натпревари од нашата група, Хрватите со пресврт стигнаа до победа од 2-1 на гостувањето во Велс, а Србите со 2-0 во Нови Сад ја совладаа Шкотска.

Најнови вести